CAD/CAM системот, претставува примена на современа компјутерска технологија во изработката на коронки и други реставрации од порцелан, за кратко време, во ординацијата на стоматологот. (CAD/CAM кратенката означува компјутерски асистиран дизајн и компјутерски асистирана изработка). Основната предност на овој компјутерски биоконцепт пред традиционалната лабораториска изработка е брзината и прецизноста на изработката на коронките, порцеланските ламинати и пломби.

Постапката се одвива така што најпрво забот се струже – се препарира. Потоа се зема мал отпечаток од препарираниот заб и од двата соседни заба. Готовиот отпечаток се поставува на платформата на ласерската камера, која се врти и го снима од различни насоки-агли. На овој начин се добива оптички модел од земениот отпечаток од забот. Најновите истражувања се во насока на потполно надминување на потребата од земање класичен отпечаток од забите.

Следниот чекор е прикажување на снимките на компјутерскиот монитор. Во оваа фаза докторот интервенира, односно ги одредува контактните точки, финалните линии и останатите важни обележја на коронката. Откако компјутерот ќе ги добие овие наредби, тој изработува тридимензионална слика на коронката со соседните заби. Кога е направена последната проверка и кога е одлучено дека коронката функционално и естетски задоволува, податоците се пренесуваат на Биокад-системот.

Биокад системот дизајнира модел за коронка која одговара на конкретната препарација и идеално се вклопува во загризот. Во машината треба да се стави блок од порцелан, а се останато е автоматизирано. Од порцеланскиот блок се изрежува и се обликува саканата коронка. Времето на изработка се движи од 80 до 140 минути. Основната предност за пациентите е во тоа што коронка се добива истиот ден, со една посета кај стоматологот. Нема потреба од носење привремени реставрации, анестезија се прима само еднаш, и не се потребни денови за чекање на изработката во лабораторија, проби и корекции.

CAD/CAM системот во практиката се користи за изработка на сите целосно-порцелански реставрации, како: коронки, ламинати и мостови, инлеј и онлеј (порцелански пломби). Може да се користи и за изработка на реставрации од други материјали: композити, пластични маси и сл.

 

  • Facebook